Компаниската стратегија е еден од клучните документи во секоја компанија, но не секоја компанија има своја стратегија за развој. Некои компании имаат, но само во главата на топ-менаџерот, а не како формален документ.
Во овој блог текст ќе ги опишеме 3те фази низ кои треба да поминеш за да направиш компаниска стратегија, а притоа ќе ги споделиме со тебе и неопходните ресурси кои ќе можеш да ги користиш.
ФАЗА 1
Анализа на надворешно окружување
Ако се потсетиш на компаниската дијагноза ќе видиш дека се занимававме исклучиво со внатрешните капацитети на организацијата (силни и слаби страни т.е. S и W од SWOT матрицата).
За да продолжиш со изработка на стратегија неопходно е да направиш анализа на надворешното окружување, поточно можностите и заканите (SWOT).
Повторно ќе употребиме наши автентични термини, ПЕЗ (потенцијални екстерни закани) и ПЕМ (потенцијални екстерни можности).
Чекор 1: земи лист хартија и пенкало или отвори лап-топ и запиши ги сите ПЕМ-ови кои сметаш дека постојат во окружувањето.
Еве примери како да ги дефинираш ПЕМ-овите:
- Проширување на палетата на производи со XY артикли
- Зголемување на малопродажната мрежа низ Македонија
- Голем интерес за професијата кај младите лица
- Проширување на таргет-групата со XY профил на луѓе
Чекор 2: Повтори го процесот од чекор 1, но овој пат запиши ги сите ПЕЗ-ови за твојата организација и бизнис.
Еве повторно неколку примери, овојпат за ПЕЗ-ови:
- Зголемени давачки кон државата
- Влез на пазарот на странски фирми со буџети многу поголеми од нашиот
- Големо иселување од земјата
- Намалување на бројот на добавувачи
Што понатаму?
Имајќи во предвид дека ќе напишеш голем број ПЕМ-ови и ПЕЗ-ови, потребно е да се направи нивна селекција. Секој од нив има своја тежина, но не сè е подеднакво важно.
Стратегијата значи фокус и затоа мора да дадеш приоритети и на ПЕМ-овите и на ПЕЗ-овите.
Твоја задача е да избереш:
10 ПЕМ-ови кои мислиш дека се најостварливи
10 ПЕЗ-ови кои мислиш дека се најзагрозувачки за организацијата
————————
ФАЗА 2
Ако досега ги следеше сите текстови и ги имаш одработено задачите, треба да имаш:
10 најсилни страни (Strengths) во компанијата
10 најранливи слаби страни (Weaknesses)
10 најкорисни можности (Opportunities)
10 најзагрозувачки закани (Threats)
Ако го немаш ова, те молам направи го, затоа што е неопходно за да продолжиш со изработка на стратегијата.
(ОК, продолжуваме понатаму.)
За да ја изработиш стратегијата ќе користиме два клучни типови на стратегии:
- SO стратегии (напаѓачки) кои се фокусираат на искористување на екстерните можности со помош на силните страни кои ги поседува компанијата. Целта е да ги идентификуваш приоритетите т.е. можностите кои треба да ги напаѓа компанијата.
- WT стратегии (избегнувачки) кои се фокусираат на јакнење на најранливите слаби страни за истите да не бидат „изедени“ од заканите и да станат критични за функционирањето на бизнисот. Целта е да ги идентификуваш најранливите слабости кои треба да ги зајакнуваш час поскоро.
Постојат и други видови на стратегии, но овие две се најважни. Каде да напаѓаш и што да браниш.
За да дојдеш до приоритетите постојат две матрици (SO и WT) каде имаме дадено соодветни примери и инструкции како се пополнуваат матриците и како се доаѓа до приоритетите.
SO матрицата е дадена во Прилог 1, а WT матрицата е како Прилог 2.
Поставувањето на овие приоритети е клучно бидејќи тоа е суштината на стратегијата. Од приоритетите зависи се што ќе прави компанијата понатаму. Затоа треба да одвоиш време колку што ти е потребно и максимално да се фокусираш. Овој чекор не сака брзање и паника. Само смиреност и фокусираност.
————————
ФАЗА 3
Сепак, компаниската стратегија не завршува со идентификување на приоритетите, туку баш напротив.
Сега е делот кадешто заедно со твојот тим ќе треба сериозно да ги „засукате ракавите“ и компаниските приоритети да ги претворите во акциски планови каде точно ќе знаете што ќе правите, колкав ќе биде таргетот, колкав буџет ќе треба за исполнување на активноста и кој ќе биде одговорен.
Накратко прикажано, твојот акциски план за секој стратешки приоритет треба да изгледа вака:
Стратешки приоритет | Очекувани резултати | Активности | Таргет | Буџет | Година | Носител | Можни ризици | |||
2020 | 2021 | 2022 | ||||||||
Воведување на клуб картичка за лојалност | 1. Креирана база на контакт податоци од лојални корисници (имејл и мобилен) | – Осмислување на концепт како ќе функционира картичката за лојалност – Прибирање на понуди за софтверско решение – Избор на најсоодветно софтверско решение – Изработка на стратегија за придобивање на корисници на картичката – Ставање во функција на картичката за лојалност | 20 000 корисници во првата година | 35 000€ за изработка на софтверското решение 15 000€ за промотивни активности кон целната група | Х | +10% | +8% | Иван | – Првичен отпор од целната група за користење на картичката | |
2. Зголемен приход од корисниците на клуб картичката за лојалност | – Изработка на план за промотивни кампањи кои ќе се пласираат преку картичката – Спроведување на кампањите според планот – Следење на резултатите и преземање корективни активности доколку е потребно | 200 000€ приход од корисниците на клуб картичката во првата година | 0 € | х | +7% | +12% | Маја | – Корисниците на клуб картичката не реагираат на кампањите |
Тука можеш да го преземеш акцискиот план како ворд документ и да работиш директно во документот.
Суштината на акцискиот план е да ги предвидиш и детализираш сите активности и ресурси за максимапно да го оствариш предвидениот компаниски приоритет.
Преку таргетот ќе го мериш остварувањето на активностите, а носителот пак е оној што е одговорен за исполнување на активноста.
Внимавај на ова!
Носителот не е личноста што треба сама да ја заврши работата. Носителот е оној/онаа што треба да ги мобилизира останатите членови за сите заедно да ја завршат работата. Активностите не се one man show.
Со овој текст го заокруживме стратешкото планирање како целина. Сега ги имаш неопходните коцепти и алатки за да направиш стратешко планирање кај тебе во компанија.
Само напред 🙂
Со пoчит,
Тимот на Детра
П.С. Доколку ти треба помош/совет за изработка на стратешки план пиши ни на info@detra.edu.mk