Суштината на консултантството е да му помогне да клиентот да добие информации и совети кои водат до реално и долготрајно решение на одреден проблем.

Консултантите размислуваат, анализираат, креираат нови идеи, предвидуваат и ги предизвикуваат организациите да станат подобри преку присвојување на нови идеи.

Одличните консултанти се способни да стапат во амбициозни, некогаш и опасни ситуации и да почувствуваат какви промени е потребно да се направат. Тие се водени од идеите и силната желба да имаат позитивно влијание на клиентите.

Компаниите од друга страна се соочуваат со окружување што постојано се менува и истите мораат да бидат што поприлагодливи за да дојдат и останат на врвот во дејноста имајки ја во предвид Дарвиновата теорија дека не опстанале најсилните туку оние што најбрзо се прилагодиле на новонастанатите услови. Компаниите може да се поделат по многу критериуми, но она што е заедничко за нив е дека секогаш се соочени со предизвици за кои им е потребна помош од одредени консултанти.

Консултанти има многу, делуваат во најразлични полиња и користат различни методологии. Во сето ова шаренило на типови на консултанти, вистински предизвик за секоја компанија е да го избере соодветниот консултант што ќе одговори најсоодветно на барањата, а во исто време тоа ќе биде по цена прифатлива за компанијата.

Консултантот покрај тоа што треба да реши одреден проблем кај клиентот или пак да му помогне на клиентот самостојно да го реши, има морална обврска да им помогне на луѓето да станат подобри во работата. Клиентот, работејќи во партнерство со консултантот треба да се оспособи доколку нареден пат се соочи со сличен проблем да може самостојно да се справи со истиот, или пак во голема мера да го реши сам, а само мал дел да остане на консултантот.

За секоја компанија од суштинска важност е да има има сознанија за тоа дали ја добива вредноста за парите, односно дали парите се потрошени на вистински начин така што ќе имаат најголем бенефит за организацијата. Во светот на консултантството најчесто взаемниот договор се претставувал од меѓусебните обврски на испорачувачот на услуга (консултант) и нарачателот на улсугата (клиент) и тоа консултантот е обврзан да испорача знаење, помош, совети, искуство и слично во замена за договорен хонорар. Веќе подолго време оваа шема се смета за некомплетна и несоодветна кога е во прашање додадената вредност за организацијата од работата на консултантите. Преку добро познатата мисла на кинескиот филозоф Лао Цу „ Дај му на човек риба ќе го нахраниш на еден ден. Научи го да лови и ќе го нахраниш за цел живот“ се доловува суштината на додадената вредност од консултантството. Денес додадената вредност од консултантството како за консултантите така и за компаниите може да се согледа преку многубројни примери, а некои од нив се:

 

Додадена вредност за консултантите:

  • Развој на бизнисот (нова работа)– можност со стекнувањето на нови знаења и вештини при работа на одреден проект да се зголеми палетата на услуги
  • Развој на бизнисот (продолжување на работата)– развивање на долгорочна соработка со клиентот преку напредна анализа на потребите, познавање на органзиациската култура на организацијата така што ќе се понуди најсоодветниот модел на учење на организацијата
  • Развој на бизнисот (нови клиенти)– Ова најчесто се однесува на проекти кои се работат на поголема територија, а со самото тоа се отвора можност за стекнување на нови локални клиенти
  • Проектен менаџмент– со текот на работата консултантите создаваат мрежа од добавувачи и соработници која потоа им создава можност да аплицираат на голем број проекти
  • Создавање на референтна листа– со секоја консултантска активност се создава референтна листа која всушност претставува CV на консултантот и е од голема корист при презентирањето пред потенцијални клиенти. Големиот број на реализирани консултантски активности дава длабочина и широчина на консултантското знаење преку голем број на различни примери
  • Организациско учење– развивање на организациско учење кај клиентите како резултат на постојани, тековни подобрувања и промени.

 

Додадена вредност за клиентите

  • Брзина и трошок– обезбедувањето на брз одговор и флексибилни ресурси од добавувачот (консултантот) и брза употреба на знаењето и вештините за завршување на задачата на клиентот. Ова претставуваат и заштеди во делот на регрутација и обука доколку за задачата не е предвидено полно работно време
  • Специјалистички совети– придобивање на совети за најдобрите практики поврзани со проблематиката кои се резултат на долгогодишната и бројна работа на консултантот со различни клиенти
  • Дополнително обезбедување на ресурси– доколку консултантот има потреба од помош од експерт од друга област тој може да повика дополнително консултати-асистенти кои ќе му обезбедуваат поддршка на главниот консултант при имплементација на промените без притоа клиентот да губи драгоцено време во селекција на уште еден консултант
  • Намалување на ризикот– ангажирањето на консултанти во соодветни области пред започнување на значаен проект значително ги намалува шансите за неуспех или неочекувани пречки кај клиентот
  • Вредност повеќе од трошок– клиентите можат да ја мерат консултантската вредност која ја добива бизнисот преку различни споредби кои би го покажале влијанието на консултантскиот ангажман за бизнисот. На пример еднократен ангажман на консултант за подобрување на процесите би чинел 5000 евра, а тоа на бизнисот може да му донесе заштеди од 50 000 евра годишно.
  • Дисеминација на знаењето и обука– вработените во компанијата постојано учат од консултантите, а најчесто употребувани форми на учење се заедничка работа во тимови со консултантите и преку обука на вработените.