Состаноци, состаноци и… уште состаноци.

Дефинитивно состаноците се едни од најголемите потрошувачи на време. Размисли колку време неделно поминуваш на состаноци и на што покорисно би можел/а да го употребиш времето.

Не велиме дека се непотребни.

Напротив, состаноците се неопходни за координација со колегите и клиентите, но долгогодишното искуство не донесе до еден заклучок. Многу од компаниите не знаат како да изменаџираат состанок.

За подготовката и потребноста од состанок ќе зборуваме некој друг пат.

Овој пат сакаме да споделиме 4 правила кои ги користиме при состаноци и тимска работа, а се покажале како многу корисни.

1. Почнуваме и завршуваме навреме според договорената агенда. Секогаш оние што доцнат имаат некаков изговор за доцнењето. Чекањето на една личност за сметка на 5 други значи потрошено време х 5. Состанокот почнува штом клучните луѓе се присутни. На 60-70 минути работа, направете 10 минути пауза за енергизирање.

2. Без меѓусебно зборување и упаѓање во збор додека друг зборува. Ова правило значи почит кон оној што зборува. Почит за времето и трудот што го има вложено за да ја сработи задачата. Тоа што некој нема да му упадне во збор на колегата, не значи дека има право да си муабети со останатите колеги.

3. Мобилните на silent. Колку и да сме приврзани сите за мобилните (а повеќето сме), факт е дека 60-70 минути без мобилен се издржува. Барем до сега не сум сретнал приказна со трагичен крај за некој што не го чепнал мобилниот еден час 🙂

4. Без адвокатура. Ова правило значи дека секој зборува од своја гледна точка и застапува свои ставови. Забранети се изјави од типот „ Ненад сакаше/мислеше да каже…“. Ако сакал Ненад да каже нешто, најверојатно ќе го кажел кога бил неговиот ред за зборување.

 

(НЕ) ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВИЛАТА

Не заборавај откако ќе ги поставиш правилата да утврдиш казни за непочитување правилата.

Од искуство казната секогаш нека биде парична. Највеќе боли кога ќе не удрат по џебот. Пример 20 денари за единечен прекршок.

Казната секогаш е за единечен прекршок. Едно упаѓање во збор една казна, второ упаѓање во збор втора казна, една минута доцнење една казна и сл.

Биди непопустлив/а во спроведување на правилата за да имаат ефект.

Најмногу од се, избегнувај воедначување на казните. „ Другари, ај наместо Ненад да плати 100 ден. казна, сите 5 луѓе ќе дадеме по 20 ден.“

НЕ!

Ако Ненад треба да плати 100че, нека плати и да му биде поука за нареден пат.

Пробај ги правилата, ќе видиш дека функционираат.

 

Со пoчит,
Тимот на Детра

П.С. Доколку ти треба помош/совет на темата пиши ни на info@detra.edu.mk