Развојниот аспект на човечките ресурси

Развојниот аспект на човечките ресурси

Менаџментот со човечки ресурси (Human Resources Management) е дисциплина којашто релативно бавно се развива во Македонија низ годините. Во голем дел од македонските организации функцијата на човечки ресурси (поранешно кадрово) се поистоветува со вработување на луѓе, потпишување на договори за вработување, решенија за годишен одмор, решенија за боледување, административни документи потребни за кредит и сл.

Најголем акцент се става на административната функција на одделот за човечки ресурси. Точно е дека голем дел од овие активности се неопходни и пропишани со законски нормативи, но во сета таа преокупираност со администрација, луѓето вработени во одделот за човечки ресурси го забораваат поважниот, развоен аспект.

Во современите организации, човечките ресурси се деловна функција на која се придава сѐ поголемо значење бидејќи вработените се тие што ја создаваат додадената вредност. Технологијата, пристапот до финансии, промотивните алатки и слично, се речиси исти за сите организации и неоспорен е фактот дека вработените ја прават разликата помеѓу успешните и неуспешните организации.

Од погоре наведеното се наметнува прашањето колкав е опфатот на делување на одделот за човечки ресурси, односно со што сѐ треба да се занимаваат луѓето вработени во овој оддел?

Организациската култура е една од најнеопипливите, а сепак најсилни појави во секоја организација. Секој вработен има свои ставови, верувања и вредности на кои го темели своето однесување. Затоа, една од важните задачи на одделот за човечки ресурси е при вработување на нови кадри да направи проценка дали потенцијалните кандидати ќе се вклопат во постоечката култура на организацијата. Најмодерната филозофија при регрутација во денешно време е „Hire for attitude, train for skill“ што само по себе говори дека најважно е потенцијалниот вработен да се вклопи во организацијата со својот пристап и однесување, додека развивањето на вештините е полесниот дел од работата.

Разбирањето и подобрувањето на интерните процеси е уште една задача со којашто треба да се занимава одделот за човечки ресурси. Неопходно е луѓето што работат во овој оддел да имаат познавање од сите процеси кои се одвиваат во организацијата, бидејќи така најдобро ќе можат да ги согледаат потребните компетенции за секоја работна позиција и соодветно на тоа да го најдат најдобриот кандидат за позицијата. Познавајќи ги сите процеси кои се одвиваат во организацијата, одделот за човечки ресурси треба исто така да биде иницијатор и фасилитатор на интерните промени.

Регрутирање и развој на таленти е нешто што секоја модерна организација која има амбиции да биде #1 во дејноста мора да го прави. Како што е спомнато и погоре, луѓето се тие што ја прават разликата. Подготвувајќи се за иднината, секоја организација мора да ги одбере најдобрите таленти и што е уште поважно правилно да го развива нивниот потенцијал. Талентот сам по себе не е доволен за успех, но доколку се равива правилно и во здрава средина, по одредено време талентот ќе испорачува врвни резултати. Создавањето и менаџирањето со талент-програми е нешто што секој оддел за човечки ресурси мора да го има на ум.

Ова се само дел од развојните активности кои ги има одделот за човечки ресурси без разлика од видот и големината на организацијата. Повеќето организации во Македонија се насочени исклучиво на административниот аспект на човечките ресурси, но развојниот аспект е оној што ја создава додадената вредност во организациите.

 

 

Ненад Дафинчевски

СКИТОП консултант за организациски развој

 

Posted on: 17.09.2018Ненад Дафинчевски